Pic 1

Хуманитарен концерт во Аердодром


АЕРОДРОМ ПУЛСИРАШЕ ВО РИТАМОТ НА ХУМАНОСТА И МЛАДОСТА

На 20 септември годинава, на платото наспроти ТЦ "Бисер" во скопската населба Аеродром, триесеттина македонски музички ѕвезди пееја под мотото "Биди човек. Помогни!", а потоа "оперираа" на три донаторски телефонски линии заедно со голем број познати лица од општествениот, стопанскиот и културниот живот, во рамките на големиот хуманитарен концерт што заради прибирање парични средства за обезбедување пристапност за жителите со хендикеп, успешно го организираа Општина Аеродром, Полио плус и медиумскиот покровител, Македонската телевизија. Овој концерт произлезе од соработката со новиот градоначалник и членовите на Советот на општината,

отпочната со средбата на лицата со хендикеп со кандидатите за градоначалник на оваа Општина, што Полио плус ја оствари на 18 март годинава во скопскиот ресторан "Бисера".

Последниот ден од летото за жителите од скопската населба Аеродором, го означи зголемена раздвиженост и атмосфера карактеристична за најжешките денови од тој период од годината. Предизвикани од музиката што од попладнето ечеше од платото спроти ТЦ "Бисер", со разни "грицки", пуканки или зашеќерена "волна" во рацете, а во придружба на најблиските, пријателите или комшиите, ја прекинаа својата вечерна прошетка и маалските "седенки", и се насобраа на платото пред бината за да го проследат танцот на играорците, популарните хитови на младите македонски ѕвезди и претставувањето на најновите модели од студиото на Елена Лука.

Големиот хуманитарен концерт што Општината Аеродром, во соработка со Полио плус, а под медиумско покровителство и директен пренос од Македонската телевизија, го организираше во неделата (20.09.2009.) за прибирање парични средства за поголема пристапност за лицата со хендикеп до виталните јавни објекти на територијата на оваа општина, протече сосема успешно и со голема заинтересираност и на жителите од ова населба, и од граѓаните кои речиси постојано и без прекин, ѕвонеа на донаторските телефони.

Зад бината, пред големото платно на кое беа испишани клучните пораки на организаторите и целта на оваа хумана акција чие мото е "Биди човек. Помогни!", а за што водителките Ели Танасковска, Анета Андонова и Александра Јовановска постојано ги потсетуваа присутните и гледачите, триесеттина јавни "фаци" од домашниот општествен, политички и бизнис-сектор, "оперираа" на телефонските линии од трите мобилни оператори и одговараа на секој повик од граѓаните кои со едно свое јавување вложуваа по 100 денари во - попристапна оштина.

Освен евроамбасадорот Ерван Фуере, премиерот Никола Груевски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, на повиците на граѓаните на донаторските линии одговараа и претставници од Совет на Европа, Спире Ристевски од МТСП, Лилјана Поповска од ДОМ, од Министерството за информатичко општество Иво Ивановски, Миле Јанакиевски од Министерството за транспорт и врски… Граѓаните кои го прифатија хуманиот предизвик и сакаа да бидат дел од овој голем благороден гест на Општината, можеа да разговараат и со Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Дејан Недев, како и со актерите Зоран Љутков, и Сашко Коцев, со манекенката Радица Лелова, Светлана и Мики Црнокрак, Натали…

Македонските ѕвезди пак, беа и на двата пункта, на главната бина, за да исполнат некоја до своите популарни нумери, а потоа, проследени со силни овации, врисок и воздишки од обожавателите насобрани околу пунктот, да им се приклучат на "операторите" и да одговорат на секој повик на телефоните кои ѕвонеа непрекинато. Каролина, Елена Ристеска, Ламбе, Дани, дечките од "Некст тајм", од "Токсикологија" и дваесеттина други помалку или повеќе познати естрадни ѕвезди, се дружеа, си ги споделуваа впечатоците и идните планови позади бината, со мобилните телефони во раката очекувајќи го следниот повик, како израз на хуманост, поддршка и желба да се даде свој личен печат и влог, за оваа хумана мисија на организаторите да биде што е можно поусешна; хуман личен печат и влог што треба да го следат сите локални заедници во државава, за Македонија што ја градиме и ја сакаме, и навистина да биде еднакво убаво место за живеење за сите нејзини граѓани, независно од тоа дали се со хендикеп или не.

M6
M6
M6
M6
M6