Pic 1

Република Македонија во моментов е земја со кандидатски статус за членство во Европската Унија. Во таа насока се и сите напори на Владата на РМ. Граѓаните можат да придонесат кон овој процес и нивната улога и придонес треба да се земaт во предвид. Во април 2006 година, Владата донесе одлука за основање на меѓуресорно тело за човекови права при Министерството за правда.Ова тело ќе ја зајакне и координира соработката меѓу државните институции одговорни за прашањата поврзани со човековите права. Телото ќе доставува годишни извештаи. Во мај 2006 е формирана меѓуресорна комисија за следење на обврските кои произлегуваат од Европската социјална повелба. Сè уште не е ратификуван Протоколот 1 кон истата.

Европско партнерство 2005, се предвидува усогласување на националнато законодавство со законодавството на ЕУ на полето на антидискриминација и еднакви можности. Во вториот квартал од 2006 година, согласно Акциoниот план, беше предвидено усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ на полето на антидискриминацијата и еднаквите можности. Но, на средината од 2007-та, Република Македонија сé уште нема донесено Закон за заштита од дискриминација. Работниот документ на службите на Европската Комисија, Извештај за напредокот на Република Македонија за 2006 (COM (2006) 649 final), дава преглед на состојбата во различни области. Во 2006-та, се донесе Законот за еднаквост меѓу мажите и жените.

Законот има за цел да ги вгради дефинициите од ЕУ за индиректна дискриминација и вознемирување како облик на дискриминација, како и одредбите за терет на докажување во националното законодавство. Со новиот закон се подобруваат институционалните механизми за еднакви можности преку основање на Oдделение за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика и преку обврзување на локалните власти да основаат Kомитети за еднакви можности и да назначат Kоординатори за еднакви можности. Остварен е напредок во голем број области, вклучувајќи го и образованието, здравствената заштита, политичкото учество и невладиниот сектор, состојбата на жените во руралните области, состојбата на жените од етничките малцинства, насилството и тргoвијата со жени.

Подготовките во оваа област добро напредуваат. Спроведувањето на Конвенцијата на ОН за елиминација на сите форми на дискриминација кај жените генерално е оценето позитивно од страна на ОН во повеќе области. Во собраниска процедура е предлогот на Закон за заштита на правата и достоинството на лицата со хендикеп, предложен до Собранието на РМ, како резултат на првата успешна граѓанска иницијатива од страна на Коалција на 23 организации кои работат на полето на хендикеп, координирана од Полио Плус, но масовно поддржана од граѓанскиот сектор. Националната стратегија за правата на лицата со хендикеп треба да биде ревидирана во текот на 2007. Состојбата во институциите за згрижување на лица со пречки во психичкиот развој сè уште не е задоволителна.

Потребно е Владата да продолжи со развојот на политиките за социјална грижа, вклучувајќи ја заедницата како алтернатива на институциите. Некои од постоeчките дневни центри за згрижување на лицата со пречки во психичкиот развој функционираат добро, но условите во болниците и затворените институции значително се разликуваат. Во феbруари, Владата донесе Акционен план за заштита на правата на децата и основа Национално координативно тело. Планот беше дополнет со развојна програма за негова примена. Во месец април, донесе Национална стратегија за развој на образованието во периодот 2005-2015 година. Постигнат е напредок во однос на образованието на малцинствата. Меѓутоа, сè уште постојат предизвици за реформи во образовниот систем. Буџетот за образование е ограничен. Допрва треба да се оцени влијанието на процесот на децентрализација. Правната рамка за правата на малцинствата гарантира високо ниво на заштита.

Состојбата со ромската заедница и понатаму е загрижувачка. Направен е определен напредок во спроведувањето на четирите акционите планови во рамките на Декадата за вклучување на Ромите 2005 - 2015. Истите даваат основа за развојот во образованието, сместувањето, вработувањето и здравствената заштита, но сè уште имаат ограничено влијание. Основани се посебни фондови во релевантните министерства за поддршка на спроведувањето на акционите планови. Не може да се посочат значителни активности во областа на социјална вклученост. Во однос на фундаменталните права, има неколку нови постигнувања.

Народниот правобранител има зголемена улога во бранењето на личните права. Во 2005 година има добиено 3935 поплаки, што претставува зголемување за 56% во споредба со 2004 година. Иако во извештајот стои дека “Не може да се посочат посебни активности во областа на борба против дискриминацијата“, не треба да се занамерат двете иницијативи од пред повеќе од две години, покренати од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија и Македонскиот центар за меѓународна соработка и набљудувачката мисија на ОБСЕ во Македонија. Процесот е отпочнат на одредени полиња, но останува клучен организираниот настап за креирање на општа правна рамка за заштита од дискриминацијата.

Согласно овие согледувања, Македонија покажува одреден напредок. Сепак, клучна останува соработката на хоризонтално ниво меѓу различните креатори на политиките. Интересот и вниманието на граѓанското општество се во насока на поддршка на напорите на Владата за подобрување на статусот на ранливите групи, со цел изградба на општество кое нуди еднакви можности за сите свои граѓани.

M6
M6
M6
M6
M6